Вучиќ се закани со 24-часовен полициски час!

Незадоволен од недоволната дисциплина на граѓаните во однос на мерките за справување со ширењето на коронавирусот во земјата, српскиот претседател Александар Вучиќ се закани со воведување 24-часовен полициски час.



„Немојте да ви е најстрашно на светот да останете дома. Не терајте нè полицискиот час да трае 24 часа. Никој на светот не го вовел тоа, но јас ќе го воведам“, порача тој, предложувајќи ѝ на Владата од утре полицискиот час да трае подолго, односно од 17 часот до 5 ч. следниот ден.

До денеска во Србија се регистрирани 171 заразен од коронавирус, а вчера беше евидентиран и првиот смртен случај.

За сериозноста на ситуацијата Вучиќ повлече паралела со Италија, апелирајќи до српските граѓани да не се потвори тамошното црно сценарио.

„Осумстотини луѓе умреа во еден ден. Дали е тоа нормално? И од тие 800, веднаш да ви кажам дека 500 и нешто во Ломбардија, која по големината е колку Србија“, нагласи тој во обраќањето до јавноста.