Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе престојува во дводневна посета на Абу Даби, што е прва официјална посета на претседателот во неговиот нов мандат, на покана на претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед Бин Зајед.
Вучиќ е во прва официјална посета на земја со која Србија со години има многу блиски односи. Како што изјавија за Танјуг во Претседателството, во тешка светска криза, оваа посета значи многу за Србија, бидејќи Обединетите Арапски Емирати се седми во светот по резерви на нафта, односно поседуваат речиси шест отсто од светските резерви на нафта.
Претседателот доаѓа во Абу Даби на покана на шеикот Мохамед Бин Зајед, долгогодишен личен пријател и голем пријател на Србија. По смртта на неговиот брат Калифа, тој стана претседател на Емиратот, а денес светските медиуми го рангираат како најмоќен човек на светот, благодарение на мудрата политика што ја водел, како и енергетските потенцијали со кои располага.
На почетокот на војната во Украина, светските медиуми објавија дека тој одбил да одговори на телефонот на американскиот претседател Џозеф Бајден, кој две недели се обидувал да стапи во контакт со него за да се обиде да влијае на начинот на кој се распоредуваат светските ресурси.
Билатерални средби и потпишување договори ќе се одржат во новоизградената палата Ал Ватан (Палата на народот), новиот симбол на арапскиот свет, сместен на брегот на Абу Даби.





