Вучиќ со остри зборови до Курти: Терористичка гнидо, води сметка да не повредиш ниеден Србин!

„Претседателот на Србија Александар Вучиќ вечерва се огласи со исклучително остри зборови по одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да го именува Ненад Рашиќ како министер за заедници во Владата на Косово противуставно и спротивно на Бриселскиот договор. Вучиќ му порача на Курти: ‘Терористичка гнидо, води сметка да не повредиш ниеден Србин!“ – објавија вечерва Б 92, „Вечерни новости“ и другите српски медиуми.

Во наредните часови и денови останува да се види дали станува збор за фингиран „бес“, или за реално драматично влошување на односите меѓу Србија и Косово.

Вучиќ изјави: „Изборот на Рашиќ, човек кој добил помалку од еден отсто, како и на Рада Трајковиќ, која беше на неговата листа, покажува дека тие сакаат прогон, протерување и исчезнување на Србите од Косово. Ги избраа најголемите српски гниди, од дното на кацата, Рашиќ и Рада Трајковиќ, не постојат полоши, кои немаат ничија доверба во Србија, но ја имаат довербата на Албин Курти и на западните агентури. Мислат дека ќе не заплашат со тоа. Но, за мене Косово и Метохија е најголема српска светост и нема да ви ја предадам во раце. А на оваа терористичка гнида Курти да му порачам: води сметка да не повредиш ниеден Србин, заедно со овие квислинзи, кои си ги одбрал. Бидејќи, Србите ќе знаат да ви одговорат.“

Претседателот на Србија ја нападна и Европската Унија, велејќи дека таа „покажала беден антисрпски однос“. Вучиќ истакна и дека „како последица на оваа одлука, никој од Србија нема да биде во Тирана на самитот ЕУ-Западен Балкан на 6 декември“.