Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека неговата земја ќе биде меѓу првите што ќе го прифатат новото име Северна Македонија за јужниот сосед.
„Не се мешаме во внатрешните прашања на други земји.Србија им честита и на едните, и на другите и ќе бидеме една од првите земји кои нашиот јужен сосед ќе го признаат под новото име. Сакаме најдобри можни односи со двете земји и уште еднаш им честитам на Заев и на Ципрас“, им изјави Вучиќ на новинарите на отворањето на манифестацијата „Нови Сад – европска престолнина на младите“.
Прашан дали сега е на ред да се реши спорот меѓу Белград и Приштина, шефот на српската држава нагласи дека не треба да се поистоветуваат тие два проблема.
„Тука стануваше збор само за името. Нашите проблеми во односите со Приштина се стократно потешки и луѓето треба да го разберат тоа“, рече тој, посебно мислејќи на Европејците, кои мислат „решивме еден проблем, па сега останува само тој со Косово“.
„Сакаме да го решиме тоа прашање, но тие не треба да се поистоветуваат, бидејќи драматично се разликуваат и по тежината, и по последиците што ги имаат“, објасни Вучиќ.





