Европската унија и се закани на Србија со изолација и повлекување на сите инвестиции доколку се откаже од планот за Косово. Ова го изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќање до нацијата, пренесуваат медиуми.
„Текстот на планот на ЕУ беше даден без можност за преговори, исто така бевме информирани за последиците во случај на одбивање, вклучително и итно повлекување на инвестициите, како и изолација на земјата. Моравме да останеме во преговорите или ризикува да падне во економска бездна Во понеделникот имавме разговор во Брисел – не се договоривме, но рековме дека ќе ги продолжиме преговорите, ќе има уште многу преговори“, посочи тој.
Вучиќ, исто така, беше категоричен дека не е подготвен да ја признае независноста на Косово, ниту да дозволи да влезе во ОН.
„Не сакам и не можам да разговарам за заемно прифаќање или членство на Косово во ОН. Подготвен сум да преговарам за се друго“, рече тој, додавајќи дека претходно разговарал за ова прашање со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц.
Во понеделникот канцеларијата за надворешна политика на ЕУ објави „Договор за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија“.
Документот предвидува взаемно признавање на пасошите, одбивање на Србија да го претставува Косово на меѓународната сцена, размена на дипломатски претставништва и законски обврски на страните да работат на сеопфатна нормализација на односите.
Според високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, лидерите на Србија и на Косово претходно се договориле за формулацијата на договорот за време на разговорите во Брисел.






