Претседателот на Србија Александар Вучиќ во обраќање до нацијата синоќа изјави дека се надева оти САД ќе одлучат КФОР и ЕУЛЕКС да ги вршат полициските работи на северот на Косово, по одлуката на Србите да ги напуштат институциите.



Претставниците на Србите на 5 ноември поднесоа оставки во локалните самоуправи на северот на Косово, во судството, полицијата и Владата и Собранието.

КФОР ги претставува официјалните вооружени меѓународни мировни сили под водство на НАТО, додека ЕУЛЕКС е мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово.

Одлуката беше донесена откако косовските власти почнаа да го спроведуваат планот за пререгистрација на возила со регистарски таблички издадени од српските власти.

„На северот на Косово владее општа еуфорија и ентузијазам за отпор кон Приштина со напуштање на институциите. Луѓето велат дека се лојални на она што Србија го потпиша во Брисел, пред сѐ на Заедницата на српските општини“, рече Вучиќ.

 „Кога ќе стават во агол, тогаш немате избор“, истакна Вучиќ, тврдејќи дека „нема чекор Б“ и дека никому не му е грижа за конфликтот, особено не на Американците.

„Напротив, зошто би им требал конфликт? Ним не им треба за ништо. И се однесуваа многу покоректно од некои Европејци, но не велам дека ќе бидат на наша страна – секогаш ќе бидат на страната на нивната мила, која ја негуваат 14 години“, рече Вучиќ, асоцирајќи на поддршката на Вашингтон што Косово ја има од прогласувањето независност во 2008 година. 

Вучиќ тврди дека Соединетите Американски Држави (САД) можат да одиграат значајна улога во расплетот на ситуацијата. Ако Американците, „се доволно паметни“, ќе им кажат на Заштитните сили на Косово (КФОР), Мисијата на ОН (УНМИК) и судската мисија на ЕУ (ЕУЛЕКС) „дека извршуваат безбедносни задачи на северот, а не на албанските институции“.

 Косово: КФОР спремен да интервенира

„Ако тоа не се случи – ќе доведе до катастрофа“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека „народот повеќе нема да го толерира“ однесувањето на Приштина, која не ги почитува своите обврски од Брисел. 

Вучиќ синоќа упати порака до косовскиот премиер Албин Курти, кој претходно го повтори повикот до српските власти да се вратат во институциите.

 „Србите ќе се вратат, но – прво Заедницата на српските општини и да ја повлече одлуката за пререгистрација на регистарски таблички, да се држиме до писмата што се потпишани.

Кога ќе го дознаете тоа – тогаш ќе можеме да зборуваме за се друго“, рече српскиот претседател. Тој, сепак, оцени дека Западот „нема да дозволи ништо што не оди заедно со независноста на косовската држава“. 

„Со години ги предупредувам европските претставници за оваа ситуација. Едноставно, мораше да дојде до овој момент“, рече Вучиќ.