Втора недела расправа за реконструкцијата на Владата

Напладне денеска, Собранието треба да ја продолжи седницата на која се расправа за реконструкција на Владата.



На дневен ред е предлогот за разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и на министерот за здравство Беким Сали од партијата Алтернатива.

Партијата на Африм Гаши, Алтернатива, ја напушти Владата, по одлуката ВО владиниот состав да влезе партијата Алијанса за Албанците, на Арбен Таравари.

Сто и четвртата седница почна на 13 февруари, откако Собранието ги констатираше оставките на министерот за правда Никола Тупанчески и на министерот за животна средина Насер Нуредини, како и на заменик-министрите за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу.

Собраниската дебата трае седум дена. Сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се пријавени за збор за секоја од точките.

Додека не се исцрпи листата на пријавени за збор не може да се гласа. Засега, се уште се разгледува првата точка, односно разрешувањето на Беким Сали.

Откако ќе се гласа за оваа точка, ќе следат другите разрешувања, па дури потоа именувања.