Втора мундијалска бронза за Хрватска

Светскиот вицешампион Хрватска го освои бронзениот медал на фудбалскиот мундијал во Катар со победата од 2:1 над Мароко во натпреварот за третото место.



Третиот медал за Хрватите по среброто пред четири години во Русија и бронзата во 1998 година во Франција им го донесоа головите на Јошко Гвардиол во 7. минута и на Мислав Оршиќ во 42. минута, а за најпријатното изненадување на ова СП погоди Ашраф Дари во 9. минута.

„Ова ми е најомилениот гол во кариерата“, изјави 29-годишниот Оршиќ, соиграч на македонските репрезентативци Стефан Ристовски и Аријан Адеми во Динамо Загреб.

По 162. настап за „коцкестите“ капитенот Модриќ прв го прими бронзениот медал, неостварена желба на Мароканците, чие четврто место е најголем успех на африканска селекција на светските шампионати.

За хрватскиот селектор Златко Далиќ, пак, ова е втор планетарен медал, откако ја водеше Хрватска и до финалето во Русија, во кое загубија од Франција, финалистот и во Катар утре против Аргентина.