Втор ден гори кај Коринтскиот Залив, евакуирани стотици жители

Втор ден пожарот кој ги зафати планините над Коринтскиот залив во Грција не е локализиран. Поради огнената стихија стотици луѓе мораа да бидат евакуирани. Во текот на целата вечер спасувачите и пожарникарите се бореле против првиот поголем пожар во сезоната кој веќе уништи 20 километри шума, пренесе грчката цивилна заштита.



Од рано утро денеска 12 авиони и три хеликоптери продолжија со операцијата на гасење, а 278 пошарникари со 89 противпожарни возила распоредени се на местото на пожарот, пренесуваат пожарникарите. Засега нема пријавени жртви, но евакуирани се 17 населби и два православни манастири, наведоа од противпожарната служба.

Стотици луѓе се евакуирани од претпазливост, рече синоќа помошникот министер за цивилна заштита, Никос Хардалијас.

Шефот на пожарникарите утрово на јавната телевизија ЕРТ рече дека целта е да се формира фронт за пожарот да не се прошири кон Мегара, крајбрежно место со околу 30.000 жители кое се наоѓа на 40 км од Атина.

ВИДЕО.