Време е партиските лидери да се сретнат со Пендаровски на непозната локација – пишува Даме Чкатроски

Македонско-Бугарските односи, време е за некакви промени
Пишува: Даме Чкатроски
уредник во World Security Forum



Многу често, десетици пати во овие 5 години на Зоран Заев и Никола Димитров, директно или индиректно им беше укажувано дека проблемот со Бугарија е премногу комплициран и несозреен од нивна и од наша страна.

До идењето на Зоран Заев на власт ниту еден политичар од Македонија не беше оптимист за решавање на спорот со Бугарија и беше на спротивен став на нивната размисла за спорот со Атина.

Памтам на една дискусија моја со Глигоров по неговите разговори со Симеон. На крајот се сложивме дека проблемот со Грција ќе го решиме, а со раменици со движење горе-долу констатиравме дека со Бугарија тоа не знаеме и тешко ќе се случи.

Глигоров многу често ми повторуваше: Е тоа незнам, како со Бугарија.

Молчев оти немав никаква идеја.

Глигоров имаше голема опсесија по овој проблем и непрестано ми раскажуваше неколку приказни за кои тогаш мислев дека од куртоазија треба да ги ислушам.

Посебно онаа со Димитар и Густав Влахов па до идењето на Ванчо Михајлов во Скопје и што го инфоримирал Апостолски. Дел од тоа и објави во неговата биографија.

Кога КПЈ, СКЈ, СКМ по војната разговарале со Бугарија па од Бледскиот Договор па до разговорите на Крсте, Тито-Живков и компанија лесно може да се предвиди дека капацитетот на вакви разговор на нас и Бугарија е недоволен.

Ако ја изземеме идеологијата на двете комунистички партии и нивните лидери и позамашната улога на Белград и Запад од една страна и СССР и СЕВ од друга страна, проблемот станува бесмислен гледано и од овој временски аспект.

Запад овие Македонско-Бугарски односи ги третирал со внимание заради можна употребна вредност во судир со Варшавскиот Договор и СССР.

СССР исто така овие односи ги третирал со особено внимание заради можен развој на ситуацијата во СФРЈ, Грција и Турција.

Македонското прашање и до доцните деведесети години претставуваше регионална тема но и проблем.

Пред да ги отпочниме преговорите со Бугарија имавме ситуација да Бугарија е членка на ЕУ но инфлуенцата на Русија секогаш била со висок интензитет во Софија.

Можеби и благодарејќи на несмасната националистичка политика на Милошевиќ, ние останавме во фокусот како регионален проблем со низок интензитет.

Можеби и заради несмасната политика на Ердоган во еден момент Западот водеше преговори со Атина околу Република Северна Македонија.

Ма какви Зоран Заев и Димитров воделе преговори. Оваа држава во ниту еден момент во својата историја на независна држава не водела преговори со Атина.

Барем не билатерални со сите нишани. Имаше обиди од некакви партиски елементи а посебно од ВМРО-ДПМНЕ да се водат некакви билатерални преговори или опипувања но тоа се напушти заради ставот на тврдите крила во Атина.

И толку.

На крајот заради регионалните констелации и проблеми преговорите на Запад со Атина завршија како што завршија околу нашето Македонско прашање и на наше општо незадоволство или задоволство.

При тоа ја разбудивме комотната и заспаната Софија, нивните чудни политички кругови, нивните бесмислени приказни и фантазии на големите порази околу Македонија.

Македонија им е болно психолошко прашање во кое тие немаат ниту една нормална победа. Само големи жртви, историја, бајки, малихери и кубури, комити и војводи и народни песни.

Доколку оваа историја ја извадите од официјалната историја на Бугарија ќе останат само со историјата на Кнежевство Бугарија. Тема која и не е баш македонска ама ниту денешно бугарска каде анексијата на Пиринска Македонија и нашите бегалци во многу бранови од 1903 наваму во Бугарија и бегалците од Грција ја изместиле во овој правец и од таму нема враќање.

И тоа е во кратки црти.

Македонија е еден од темелите на и во Бугарското културно и историско наследство. Не само во територии ами во луѓе, спомени, идеи, движења, револуции и крв, жртви и беда.

Врз база на тоа психолошко историска беда, историските порази, хегемонии и империјалистичко идеи на малите народи на Балканот, ние седнавме да преговараме за нешто што не е воопшто ни можно да се преговара.

Ниту од нивна ниту од наша страна.
Некои добронамерници од СДСМ ми праќаат пораки дека ситуацијате е ОК и е оптимистичка.

Кревам раменици 5 години дека сум скептик и незнам на што се должи тоа.

Доколу има уште едно вето на Бугарија во јуни, оваа политичка елита веќе е исцедена со политичките проекти со Бугарија и ЕУ.
Со тоа да овој пат не зборувам што се правеле овие 5 години и дали економската состојба станала добра или имало корупција или немало и имало Ковид 19.

Едноставно од оваа политичка елита сега на власт – Толку.

Преживувањето на оваа влада ќе се одлучи во Софија а како и обично ќе биде многу тешко по оваа влада.

Избори не би решиле ама баш ништо. Некаква победа на ВМРО-ДПМНЕ на некакви блиски избори не влева оптимизам доколку нивниот бард Марјан Ѓорчев се мери по капацитети.
Тие со капацитетите се полоши од овие капацитети на СДСМ и ДУИ.

Изгледа ВМРО-ДПМНЕ добро пресметале дека ако доливаат бензин во огнот тоа ќе им се удри по глава и дека нема да можат ништо да издоговараат со Софија во еден нивен мандат од 4 години.

И нив тоа може и тоа како да им се удри од глава ако пак применат патриотски вокабулар и излезат од преговори со замрзнат датум каде парите сериозно би биле проблем а нив секако ги нема.

Обидот на Зоран Заев и неговите беше секаков но никако добар. Така влегоа неекипирани и со површно познавање на работите во ова од самиот почеток да сите знаевме дека се неинформирани оптимисти со сомнителен комерцијален капацитет.

Некои околу СДСМ дури ме убедуваат дека Зоран Заев ќе бил кандидат за Претседател.
Мое мислење е: Ич нека не се обидува ако е патриот и ја сака оваа земја, без разлика на неговата суета.

Неговото време во трговските договори му помина. Ние немаме проблеми во бизнисот ами во политиката.

Ситуацијава е зрела политичките партии да си направат состанок на непозната локација заедно со претседателот Пендаровски.
После јуни нема ништо да биде како што било до јуни.

Со вето или без него.