Враќање кон „Студената војна“: НАТО готви планови за одбрана од Русија

НАТО ќе направи чекор „назад кон иднината“ на состанокот во Вилнус во јули, при што се очекува лидерите да ги одобрат тајните воени планови кои за првпат по Студената војна детално ќе објаснат како Алијансата ќе одговори на руски напад, објави Ројтерс.



Потегот претставува фундаментална промена – НАТО со децении гледаше дека нема потреба да подготвува планови за одбрана од големи размери додека водеше помали војни во Авганистан и Ирак и верувајќи дека постсоветска Русија повеќе не претставува закана за западната алијанса.

Додека најкрвавата војна во Европа од 1945 година беснее на нејзините граници во Украина, која е соседна со неколку земји на НАТО, алијансата сега предупредува дека треба да има планови долго пред да избие конфликт со противник како Москва.

„Фундаменталната разлика помеѓу кризниот менаџмент и колективната одбрана е ова: не сме ние, нашиот противник е тој што ја одредува временската рамка“, рече адмиралот Роб Бауер, еден од највисоките воени претставници на НАТО. „Мораме да се подготвиме за фактот дека конфликтот може да настане во секое време.

Како што ги наведува своите регионални планови, НАТО, исто така, ќе им даде насоки на земјите-членки како да ги модернизираат своите сили и логистика.

„Сојузниците точно ќе знаат какви сили и способности се потребни, вклучително и каде, што и како да ги распоредат“, рече шефот на НАТО, Јенс Столтенберг за строго тајните документи, кои, како и во Студената војна, ќе доделат конкретни трупи за заштита на одредени региони.

Но, иако многу карактеристики наликуваат на распоредувањето на силите на НАТО пред 1990 година, некои клучни фактори се променија за алијансата, која оттогаш се прошири на околу 1.000 километри на исток и порасна од десетина на 31 членка.

Само приклучувањето на Финска минатиот месец ја удвои границата на НАТО со Русија на околу 2.500 километри, што бара пофлексибилен пристап кон распоредувањето отколку во минатото кога Германија се сметаше за главна борбена зона.

Покрај тоа, алијансата повеќе не се подготвува да води целосна нуклеарна војна против Москва и нејзините сојузници – од кои повеќето сега се членки на НАТО – рече Иан Хоуп, историчар во Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа (SHAPE).