Вработените во „Филхармонија“ трпеле притисоци – бараат разрешување на директорот

Вработените во „Филхармонија“ бараат разрешување на в.д. директорот Даниел Лазаровски поради, како што велат, непрофесионалното и неуко менаџирање, кое што се одразува со големи негативни последици врз целокупното функционирање на Македонската Филхармонија.



Вработените преку синдикалната организација поднеле петиција до Министерството за култура, со барање за негово итно разршување. Петицијата ја потпишаа 100 лица кои се вработени во Македонската филхармонија.„Незадоволството од непрофесионалноста на в.д. директорот кулминираше со неговиот упад на синдикалниот состанок минатата недела кога се обидуваше да изврши притисок врз слободното изразување на членовите на синдикатот. Од самото назначување, вработените во Македонска филхармонија се изложени на притисоци, закани и мобинг од страна на директорот Лазаровски. Неговото несоодветно раководење со институцијата предизвикува големо незадоволство кај вработените и истото има негативно влијание врз соработката со македонски и странски музичари“, велат од Синдикатот.

Како што додаваат, во последен момент и без образложение бил откажан концерт на нивен колега, кој е исклучително квалитетен музичар, а кој како солист требало да настапи, подготвувајќи се повеќе од една година. Исто така, без образложение в.д. директорот еднострано го раскинал договорот со новиот странски шеф диригент кој ѝ е добро познат на оркестарот и македонската публика. Поради оваа причина, Македонска филхармонија, како што се додава, во моментот се соочува со правен процес со големи финансиски побарувања од диригентот кои можат да го пореметат нормалното фунционирање на институцијата.