Вработените од „Еуроникел“ со душа чекаат да слушнат убава вест дека фабриката добила нов газда 

800 вработени од кавадаречки Еуроникел едвај чекаат да слушнат вест дека нивната фабрика добила нов сопственик, откако пред четири месеци швајцарско-бахамската Џи Сол тинствено го напушти поранешно ФЕНИ, исто како што пред шест години дојде до него, објави ТВ24. Иако во моментов ништо не се произведува, 100 вработени внимаваат печаката да не изгасне и фабриката во кондиција да му ја предадат на новиот газда. Останатите 700 се дома, без никакви приходи. Сите заедно го чекаат петок, 2 февруари, кога очекуваат кавадаречкиот суд да отвори стечај, преку кој работниците се надеваат дека ќе си ги земат заостанатите плати.



Во меѓувреме, преговорите со заинтересираните инвеститори се во заврша фаза, дознава ТВ24, иако од сопственикот на имотот и опремата Комерцијална банка нема потврда за тоа. Оттаму велат дека неколку компании се во игра, но заради доверливоста на преговарачкиот процес со потенцијалните инвеститори, не се во можност да споделат повеќе информации. Од банката тврдат дека стечајот пред кој е фабриката, нема да пречи во продавањето на комбинатот.

– Eвентуалното отворање стечајна постапка врз Еуроникел нема никаква врска и допирни точки со сопственоста на Банката врз преземениот имот и опрема. Овој имот и опремата во никој случај нема да бидат дел од стечајната постапка и Комерцијална банка е слободна да ги продава без никакви ограничувања.

Турскиот гигант Јилдирим и една голема домашна фабрика од металната индустрија се најсериозните инвестиори за преземање на поранешно Фени. Откако фабриката остана без газди, Комерцијална банка ја активираше хипотеката вредна 38 милиони евра, за долг од кредит земен од претходниот стопан Џи Сол и стана сопствник на имотот и опремата. Новата стечајна постапка доаѓа по само шест години од претходната, за која тогашниот премиер Зоран Заев тврдеше дека е најуспешниот стечај во историјата на Македонија.