Милен Врабевски, бугарски бизнисмен, филантроп, мецена, основач и претседател на Фондацијата „Бугарско сеќавање“, смета дека неговата земја засекогаш го загубила „натпреварот“ за Македонија.
„Сакам да бидам разбран правилно. Ние тој ‘меч’ за Македонија го изгубивме тотално и засекогаш. Во последните 32 години пропуштивме толку многу со неактивност што никаков комунизам не ни наштети толку колку неактивноста во последните три децении. Пропуштивме да имаме железничка линија, автопат, медиуми таму, сослужување во црквите, ние да им бидеме црква-мајка. Пропуштивме да направиме национални програми за заедничка работа на децата од двете страни на границата, македонските деца да учат тука. Срам и арам на политичката класа, која најчесто им служи на поголеми геополитички интереси. Имаме тотален неуспех. Затоа, попрво сум за тоа да имаме свои услови, но да им дадеме пат и шанса за европска интеграција“, изјави Врабевски за „Дир.бг“.






