Колумна на Тоевски: Впишувањето на Торбешите во Уставот е цепење на македонската нација – тие се исламизирани Македонци и браќа со православните Македонци!

Пишува: Свето Тоевски



Сега, кога се во тек се пожестоки обиди за уништување на македонската нација овојпат и со промена на Уставот преку „уставниот инженеринг“ под бугарски терк и диктат, се врши етнополитичка мобилизација и манипулација со исламизираните Македонци:  да се отцепат од македонската етничка матица, прикажувајќи ги како некаков „засебен Торбешки народ“, односно „Торбешка етничка група“, различна од Македонците и како такви да биле впишани и тие во Уставот. Но, проф.д-р Галаба Паликрушева со своите теренски и други научни истражувања има непобитно констатирано: Македонците со муслиманска вероисповед се Македонци и ништо друго! Тие се составен и нераскинлив дел од македонскиот народ. Тие се крвни браќа со православните Македонци!

„Браќа мои, benim kardesim, не можам да ги разберам ни Владата, ниту нашите браќа Турци во Македонија тоа што им пречи зборот торбеши или македонски муслимани, горанци, помаци или други називи, за група на луѓе на кои македонскиот јазик им е мајчин јазик и кои имаат вградено државничко чувство и кои си ја сакаат  својата држава, денеска наречена * Македонија, земја аспирант за Eвропската Унија, која го отвора Уставот, за да влезе во Европа.“ – објави бизнисменот Фијат Цаноски на својот фејсбук-профил.

Со ова Цаноски изреагира откако Работната група за предлагање уставни амандмани изготвила некаков си документ за менување на Уставот, со кој ќе се вметнат 6 народи, но меѓу нив нема да бидат Торбешите како „посебна етничка заедница“ или „народ“.

Цаноски пишува: „Освен сите, кои се вметнуваат во Уставот,се прави исклучок и преседан само за оваа група на граѓани од нашата држава, кои слободно се самоизразиле како торбеши на последниот попис. Тоа не мора да значи дека овие луѓе, кои се чувствуваат различно, односно посебно од многу, кои ги присоединуваат со децении и векови, и кои се нераскинлив дел од Македонија, македонското општество, јазик,  култура и еден куп други работи кои не врзуваат.

Но, оваа група на луѓе има уште повеќе, да не речам исти обичаи со турската култура и вредности, затоа и се нарекуваме и ќе бидеме секогаш браќа, а Турција секогаш била и ќе биде наша втора татковина. Овие нашинци се, исто така, во блиски врски и со Албанците, Бошњаците и други нации, кои се слични и ги има премногу на овие наши балкански територии. Ако и после ветувањата и пописот, кога беа попишани преку 6000  торбеши (а ги има најмалку 120.000 ) не бидат вметнати во Уставот, тоа ќе биде уште една дискриминација….“

„Плусинфо“ ја пренесе и следната реакција на Здружението „Обединети Торбеши“: „Уставот треба да биде направен да ги заштитува правата на сите граѓани без разлика на нивната раса, вероисповест, пол или етничко потекло. Торбешите, како и секоја друга етничка група во * Македонија, имаат право на задржување и негување на својата култура фолклор и традиција. Овие права треба да бидат заштитени и поддржани, почитувајќи ги  законите и меѓународните конвенции. Треба да се земе предвид и последниот попис, на кој како Торбеши беа изјаснети 6.017 лица.“

Ја почитувам определбата на Фијат Цаноски да се самоопределува индивидуално како Турчин, ако правилно ја разбирам неговата објава. Ги почитувам и сите оние во Здружението „Обединети Торбеши“, ако се определиле и тие лично како Турци во својата етничка припадност. Не може никој никому да му наметнува, ниту да му кажува кој и каков е неговиот национален идентитет.

Но, ги отфрлам тврдењата на Фијат Цаноски и Здружението „Обединети Торбеши“ дека Торбешите, македонски муслимани, Горанците или Помаците се дел од турскиот народ. Апсолутно, антропологијата, етнологијата, историјата и лингвистиката со своите безбројни научни студии и докази се многу јасни: со оглед на етничката припадност, обичаите и јазикот, кој го говорат, Торбешите, Горанците и Помаците се составен и нераскинлив дел на македонската нација, кој во одредена временска епоха и од одредени причини ја попримил исламската вера.

Исто така, принципиелно, и за секој друг, кој од свои лични причини, како и Цаноски, веќе си направил конечен и траен отклон од својот матичен македонски национален корпус кон етничката припадност на Турците, или Албанците, или Бошњаците, нема повеќе што да се коментира, или да се спори, ниту да се наметнува дека се и натаму исламизирани Македонци.

Но, бесмислено е тврдењето на Фијат Цаноски дека „оваа група на луѓе“, бездруго мислејќи на Торбешите, „има уште повеќе, да не речам исти обичаи со турската култура и вредности, затоа и се нарекуваме и ќе бидеме секогаш браќа, а Турција секогаш била и ќе биде наша втора татковина“. Цаноски вели и дека „овие нашинци се во блиски врски и со Албанците, Бошњаците и други нации“.  Како исламизирани Македонци Торбешите немаат никакви „исти обичаи со турската култура и вредности“, туку тие се чувари на најчистите македонски обичаи и вредности, а посебна е чистотата на нивниот македонски јазик, бидејќи со векови живееле во релативно затворени заедници, зачувувајќи си ја својата македонска национална бит до ден денес.

Торбешите како исламизирани Македонци немаат никакакви етнички „блиски врски и со Албанците, Бошњаците и други нации“, тие имаат со нив блиски врски единствено во поглед на припадноста кон исламската религија, во смисла на муслиманските чувства и обичаи, што е неспорен факт.  

Фијат Цаноски истакнува дека „Торбешите се нераскинлив дел од Македонија, македонското општество, јазик,  култура и еден куп други работи, кои не врзуваат“. Ова го разбирам како одредено негово сепак задржано делумно чувство за припадноста кон македонската нација. Но, можеби грешам, јас не сакам да инсинуирам, ниту да бидам тенденциозен кон никого.

Ќе се осврнам и кон ставот на Здружението „Обединети Торбеши“ дека „Торбешите се етничка група во * Македонија“. Повторувам со сета сила на научните факти и аргументи, со самата животна пракса: не постои никаква посебна „торбешка етничка група“ во Македонија, туку Торбешите, на колективно рамниште, се составен и нераскинлив дел на македонскиот национален корпус. Ако сите оние 6.017 лица, што се изјасниле на пописот како Торбеши, веќе не чувствуваат дека имаат македонски национален, јазичен, културен и друг идентитет, тогаш исто така и тоа е нивно индивидуално самочувство и право на слободно самоидентификување како Турци, или друг етникум. Но, не е вистина дека баш сите 120 илјади исламизирани Македонци во Македонија, или колку да ги има точно, се Турци.

Катастрофална грешка чинеа македонските политички партии и политичари во сите изминати години од независноста што не презедоа категорични активности за дефинитивно припојување на исламизираните Македонци во матицата на македонската нација. Затоа е оставен отворен простор во овој период, кога се во тек се пожестоки обиди за уништување на македонската нација овојпат и со промена на Уставот преку „уставниот инженеринг“ под бугарски терк и диктат, да се врши етнополитичка мобилизација и манипулација со исламизираните Македонци:  да се отцепат од македонската етничка матица, прикажувајќи ги како некаков „засебен Торбешки народ“, односно „Торбешка етничка група“, различна од Македонците и како такви да биле впишани и тие во Уставот.

Македонската историчарка, етнолог и универзитетска професорка на Филозофскиот факултет во Скопје д-р Галаба Паликрушева (1928-2009), врвниот експерт за Торбешите како елемент на македонскиот национален корпус има оставено зад себе научно дело со трајна и непроценлива научна и национална вредност со наслов „Исламизацијата на Торбешите и формирањето на торбешката субгрупа“. Тоа е всушност нејзината докторска дисертација, одбранета во октомври 1965 година.

Во статија со наслов „За муслиманскиот дел од македонскиот народ“  на 20 април 2023 година весникот „Нова Македонија“ ги објави и овие најважни делови од тоа научно дело: Торбешите претставуваат исламизирано македонско население, главно, во западниот и југозападниот дел на Македонија. Резултатите од етнолошките истражувања на македонската етничка група Мијаци, а во таа смисла и на Торбешите како мијачка субгрупа, покажуваат дека тоа е старо македонско население. Според изворите (турски и други), станува збор за православно македонско население што го прифатило исламот кон крајот на 15 и 16 век.

Во современи услови, именувањето „Торбеши“ се користи како назив за идентификација на сите исламизирани Македонци во Република Македонија, но и пошироко во етничка Македонија, односно за тие групи што биле или сè уште се познати по локалните егзоними/етноними, како што се: Дилс’зи (Тиквеш); Помаци/Турци (Малешевско, Делчевско и пиринскиот дел на Македонија); Чечки Помаци (Чеч – етнички предел меѓу Неврокопско и Драмско во егејскиот дел од Македонија); Турци (Прилепско); Аповци/Турци (Кичевско), Торбеши/Горани (Гора), Шкрети (Горнореканци) итн. Анализата на дијалектниот материјал покажува дека говорот на торбешкото македонско население во посочените етнографски предели на историски план и по современата состојба на севкупниот граматички состав е идентичен со говорот на христијанското македонско население во истите етнографски предели и населби.

Македонците со муслиманска вероисповед се Македонци и ништо друго! Тие се составен и нераскинлив дел од македонскиот народ. Тие се крвни браќа со Македонците, што се православни. Исламот како религија е втор по масовност кај македонскиот народ, по доминантното православие. Човек може и да не му припаѓа ниту на христијанството ниту на исламот, а да е Македонец како етничка припадност. Ова е и богатството на македонскиот народ!