Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи (МВР) и Дисциплинската комисија на Министерство за правда ќе го испитуваaт повикувањето на новинарката Соња Колевска Делевска од порталот Сдк.мк на разговор во полициска станица.
Поканата за службен разговор во полициската станица „Центар“ во Скопје, ѝ ја доставиле вооружени полицајци на домашна адреса, а била во врска со објавениот текст „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во Министерството за правда, а откако одбила била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат“, објавен на 27 април годинава.
Поплаката против новинарката била од неименувано лице.
Пријавителката, која според МВР е од Министерството за правда, инсистирала Делевска да биде повикана во полиција.
Според МВР, во полициската станица прифатиле да постапат по поплаката оти „морале да постапат по секоја пријава од граѓанин“, иако на пријавителката ѝ било укажано оти тоа што таа го бара од полицијата е граѓанска постапка.
Во новинарскиот напис, идентитетот на функционерката од Министерството за правда не е посочен. Според пријавата против Делевска, мистериозната државна службеничка почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот по објавениот текст.
МВР соопшти дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди го испитува постапувањето на полициските службеници во врска со поплаката од едно лице против новинарката Соња Колевска Делевска.
„Потенцираме дека нема никаков поднесок против новинарката од страна на МВР, ниту пак таков поднесок ќе има. МВР во изминативе години гради партнерски однос и со новинарите и со новинарските здруженија и комплетно сме посветени на постојано унапредување на соработката, што е постојано потенцирано и од новинарите и од релевантните организации. Комплетно ја поддржуваме слободата на говорот и таквата пракса продолжува и во иднина“ велат од МВР.






