
Вонредната ситуација прогласена во Пирот, на југоистокот на Србија, откако товарен воз со амонијак излета од шините останува на сила.
Повеќе од 50 лица се хоспитализирани поради симптоми на труење, а едно лице починало откако било примено во болницата Пирот, но не е потврдено дека причината за смртта е труење, јави јавниот сервис на Србија (РТС).
Од полицијата за РТС потврдиле дека во утринските часови на 26 декември во близина на местото каде што се преврте цистерната со амонијак е пронајдено тело на маж. Екипи на судска полиција се на лице место, а причината за смртта ќе ја утврди обдукцијата.
Во Пирот, град со повеќе од 50 илјади жители, затворени се училишта, градинки и јавни институции. Министерот за градежништво и инфраструктура, Горан Весиќ за РТС изјави дека нема причина за паника, но дека „има простор за претпазливост“, бидејќи се уште не се санирани сите последици од несреќата.
На граѓаните им e препорачано да не ги напуштаат своите домови доколку не е апсолутно неопходно и да користат маски доколку тоа го прават.
Републичкиот штаб за вонредни состојби соопшти дека мерењата извршени на 26 декември на повеќе локации во Пирот покажале дека во воздухот нема амонијак, како и дека изворот на водата кај Ниш не е контаминирана.
Во меѓувреме Министерството за градежништво формираше две комисии за утврдување на сите факти поврзани со несреќата.





