Ултимејтфајтерот Александар „Велики“ Волкановски ѝ приреди нова радост на македонската заедница во Австралија со уверливиот триумф над Американецот Макс Холовеј во Лас Вегас, со кој го одбрани шампионскиот појас во перолесна категорија.



Волкановски славеше во „Т-мобиле арената“ со едногласна одлука на судиите, при што сите тројца му дадоа предност од 50:45 во мечот од пет рунди, повеќе од доволно за скор од 25 победи и еден пораз во досегашните 26 борби во кариерата.

Колку беше доминантен 31-годишниот жител на Шелхарбур, чиј татко е од битолското село Беранци, а мајка му од Егејска Македонија, покажуваат отоците на лицето на Холовеј и крвта на неговата облека по расекотината над окото во втората рунда.

По борбата Волкановски откри дека веројатно си ја скршил десната рака од силината на ударот!

„Не е добро. Сигурен сум дека е скршена. Знам кога кршам работи. Беше скршена во втората рунда“, изјави тој по третиот триумф во третиот „судир“ со Холовеј.

Следна цел на македонскиот борец од петтиот континент со прекар добиен по Александар Македонски е – двојна круна!

„Сакам да бидам зафатен. Мислам дека оваа дивизија сама по себе не може да ме држи зафатен. Сакам да се искачам, да одам на двојна титула, односно да бидам шампион во две дивизии“, објасни Волкановски, чија намера е да се префрли во лесна категорија.