Австралискиот ултимејтфајтер од македонско потекло Александар „Велики“ Волкановски ја задржа лидерската позиција на УФЦ „паунд фор паунд“ листата, и покрај контроверзниот пораз на поени пред три дена од Русинот Ислам Махачев, кој излезе со видливи повреди на лицето од борбата за шампионската титула во Перт.
Едногласната одлука на тројцата судии во полза на борецот од руската република Дагестан, од која е и првиот освојувач на олимписки медал за независна Македонија, борачот Могамед Ибрагимов, предизвика бура од негодувања, вклучувајќи го и Волкановски.
„Само што ја гледав борбата. Дефинитивно мислам дека ги добив 2,3 и 5 рунда. Изненаден сум што не ми ја кренаа раката! Ајде на реванш, каде било, кога било!“, изјави по мечот Македонецот по татко, кој се бореше во повисоката категорија од 57 килограми.
„Замислете да бевме во иста тежинска категорија. Не сакам да бидам таков, но ако тој беше во мојата перолесна категорија, би го скршил… Тоа би било прошетка во парк. Без навреда за него, но така е“, додаде Волкановски еден ден по саботниот дуел. „Мислам дека, сепак, докажав оти сум подобар борец и дека сум вистинскиот број 1 ‘паунд фор паунд’“.






