Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, добар дел од интервјуто за ТВ 21 посвети на ВМРО-ДПМНЕ за да истрела канонада од навреди за владиниот партнер од 1998 до 2002 година и од 2006 до 2008, кога неговата партија беше поканета и влезе во Владата, и покрај поразот од 17:11 од ДУИ во пратенички мандати.
„Антиалбанизам е заедничка точка на противењето на Коридорот 8 и на уставните измени. Кажувам директно. Сешто би очекувал во светов, но ВМРО да има антиалбанска политика и антибугарска политика, а да води просрпска, немаше да верувам. Ова го докажуваат фактите“, рече тој во дебатниот магазин „Клик плус“.
„Може да биде фрустрацијата што ја имаат Македонците за да си го зачуваат идентитетот, но од друга страна тоа е директна асимилација, бидејќи ги знаеме намерите на Србија и на Русија. Со години ги знаеме намерите на овие земји, дури и ако ги гледате нивните документарни филмови и емисии. Ако не се свесни за проруската наклонетост што ја имаат, тоа е фатално за нив. Треба отворено да разговараат со своите гласачи, да им покажат дека тоа е фаталност. Тие треба да му кажат на народот каде треба да оди, а не каде сака“, додаде „војводата“, како што му скандираа на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Штип во 2007 година.
„Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе јаде многу шлаканици до денот на изборите, дури и од меѓународните партнери. Шлаканиците ќе се засилуваат, а поддршката за остатокот од политиката ќе оди далеку. Тоа ќе биде делот што е проевропски, дел од проевропскиот фронт“, очекува првиот човек на партијата што се сведе на еден пратеник.






