Војната со Хамас би можела да го чини Израел речиси седум милијарди долари

Војната против палестинската милитантна група Хамас може да го чини Израел 6,8 милијарди долари, според прогнозите на една од најголемите израелски банки Хапоалим.



Трошоците за војната го вклучуваат повикот за 300.000 резервисти, кои мораа да ги напуштат своите работни места, што е најмасовна мобилизација од Јомкипурската војна во 1973 година, реконструкција на инфраструктурата, на објектите за домување и делови од армијата, како и повеќегодишните трошоци за рехабилитација на воените инвалиди и грижа за семејствата на убиените борци, известува „Тајмс оф Израел“.

Во овој момент може да се претпостави дека трошоците за војната ќе изнесуваат најмалку 1,5 отсто од бруто домашниот производ на Израел, што значи зголемување на буџетскиот дефицит од најмалку 1,5 отсто од БДП во наредниот период, наведува банката Хапоалим.