Регулаторна комисија предложи нови цени за водата во Скопје, а Водовод и Град Скопје ќе донесат конечна одлука дали скопјани ќе добиваат повисоки сметки. Додека ЈП „Водовод и канализација“ и натаму се дави во долгови уште не може да ги реши големите загуби поради застарената водоводна мрежа.
Цената на водата во Скопје може да поскапи до 30 денари месечно по сметка, доколку „Водовод и канализација“ ја прифати максималната тарифа што денеска ја одобри Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Можно е да има и пониска цена на водата за скопјани ако биде прифатена минималната цена на РКЕ, но тоа е малку веројатно да се случи, со оглед дека јавите водоводни претпријатија бараат водата да поскапи. За конечната цена на водата ќе одлучува Советот на Град Скопје.
„Сметам дека 29,5 денари не претставува никаков проблем за граѓаните. Тоа е доколку се реши „Водовод и канализација“ Скопје да ја прифати максималната тарифа. Доколку се прифати минималната тарифа, одредено е намалување на цената на водата во градот Скопје“, изјави денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски соопштувајќи ги цените.
И додека се бара зголемување на сметките за вода на граѓаните, јавното претпријатие „Водовод и канализација“ со години се соочува со огромни загуби на вода поради застарена водоводна мрежа, милионски долгови во претпријатието и бројни вработувања по партиски клуч.
И самиот Бислимовски пред два дена јавните комунални претпријатија ги нарече „фабрики за вработување“, коментирајќи го барањето на „Водовод – Охрид„ цената на водата да биде зголемена за 70 отсто.
„И што треба сега ние да направиме во Охрид? Ќе ја зголемиме цената на водата 70 отсто, за да можат јавните комунални претпријатија во целата држава да бидат фабрики за вработување? И до кај ќе тераме? И на крај ќе немаме вода?“, рече Бислимоски.
Досегашната цена на водата за домаќинствата изнесуваше 31,87 денари за метар кубен. Регулаторна денеска одлучи минималната тарифа за метар кубен да биде 31,53 денари и максималната тарифа 34,82 денари за метар кубен, односно за 9 проценти повеќе од сегашната цена. РКЕ во моментов води постапки за цените на водата во Охрид, Кочани, Ресен и Дебар.
Повеќето од водоводните претпријатија барања за поскапување на водата ги поднеле бидејќи имале зголемени трошоци за струја и поради тоа што пресметките ги правеле според берзанската цената на струја, вели Бислимовски, посочувајќи дека во изминатиот период тие со субвенции обезбедувале струја од ЕСМ која изнесувала 95 евра за мегават час.
Загуби на вода од две третини
Загубите на вода во македонскиот водовод достигнуваат од 64 проценти на државно ниво, што значи дека до потрошувачите доаѓаат 36 проценти од вкупните водни капацитети. Со години се укажува на потребата претпријатијата да инвестираат во намалувањето на загубите заради достраеност на водоводните системи.
Друг аспект се проблемите со издавањето на паушални сметки на граѓаните и нередовното читање на водомерите. Некои граѓани со години не добиваат сметки за вода, а често се случува да бидат исклучени и водата да им биде запрена.
 
             
		





