Во вторник ќе се „одмрзнат“ цените на доматите, пиперките…

Владата во вторник се очекува да донесе одлуката за корекција нагоре на цените на дел од 11-те видови овошје и зеленчук коишто со владина одлука се замрзнати од 5 април.



На средбата во Министерството за економија со увозниците на овошје и зеленчук е договорено да се направат минимални корекции на цените, бидејќи последните податоци што биле анализирани со увозниците покажале мало зголемување на увозните декларации на некои производи и  според министерот за економија Крешник Бектеши би требало следствено на тоа да се коригираат и цените од одлуката.

Според Бектеши, ниту еден од производите опфатени со одлуката за замрзнување на цените нема да биде со повисока цена од 100 денари за килограм.

Во првите четири месеци од годината кај нас генерално се увезува зеленчук и овошје од Турција, Грција, Албанија и од Србија. Со Србија и Албанија кои се во ЦЕФТА немаме царини, а со Грција и Турција има, а се плаќа и 5 отсто ДДВ за увезеното овошје или зеленчук.

Очекувањата на министерот согласно податоците од домашните производители се дека нашите производи ќе излезат кон крајот на месецов и почетокот на наредниот по што ќе има нагло намалување на цените.(Либертас)