Во Влада со „седесето“? Мало сутра! – Пишува Роберт Димитриевски

Е нема појако од предлогот на Зоран Заев до опозицијата за влада на национален спас. Само три дена по „театарот“ во Собранието со самопобараната и добиена доверба од истите 62 пратеници, од ведро небо божем великодушна понуда. Демек, ви докажав(ме) дека имам(е) мнозинство, па сега сакате ли заедно да се оближуваме со теглата со мед?



Прво и основно, зошто некој би си пукал во нога фаќајќи се на оро со СДС на „нашата земја“ токму сега, само половина година до локалните избори? Имајќи го предвид преспаниот мандат на Петре Шилегов во главниот град и на останатите пулени на „седесето“ што глумат градски татковци низ државата, зошто некој би им фрлал гума за спасување пред соочувањето со гневот на (со)граѓаните? И тоа во ситуација кога само шест месеци по формирањето на вториот владин кабинет на Заев, неговата партија, дури и заедно со БЕСА, веќе му гледа в грб на ВМРО-ДПМНЕ, според најновата анкета на Институтот за политички истражувања – Скопје?

Шибицарскиот маневар на премиерот со понудата за здружување до „чесните“ отаде барикадите на политичката сцена и на аналфабет за демократските процеси во Македонија му е јасно дека не е заради делење на пленот, туку на одговорноста. Заглибен во неспособноста на од него поставените да донесат вакцини додека дури и во соседството веќе се вакцинирани милиони луѓе, потонат во задолжувања што достигнаа рекордни 60,2 проценти од бруто домашниот производ, плус ставен во менгеме од „братот“ Борисов за фамозниот старт на преговори со Европската унија, Заев очајнички бара сламка за спас. И тоа не каков било, туку, ни помалку ни повеќе – национален?!

Истиот тој што не сакаше ни да чуе за предлогот од истото ова ВМРО-ДПМНЕ за заедничка влада или за поддршка на сдсмовска, само да не ја прифати уцената од ДУИ со спроведување на Тиранската платформа, сега повикува на помирување?! Тој кому око не му трепна кога ја игнорираше јасно изразената народна волја на пропаднатиот референдум за името и, наспроти повиците од опозицијата и од видни интелектуалци и општествени авторитети, „ладно“ ги (про)турка договорите од Преспа и со Бугарија, сега бара сојузници? За што? За аминување и простување за сите капитулантски потези, постојано омаловажување на македонскиот народ, неовластено тргување со националните интереси, брусење национални симболи, бришење на придавката „македонски“ од државните институции и од јавните претпријатија, па дури и забрана за официјална употреба на името Македонија „од сите“?

Заев и пајташите околу него можат да се помируваат, ако нешто си згрешиле, само внатре во партијата или со коалициските партнери во власта. За катастрофалното владеење во овие четири години веднаш по заминувањето од „Илинденска б.б.“ ќе мора да понесат (кривична) одговорност, штом немаат храброст и морал за политичка со поднесување оставка сега.

Никој не е будала да изврши политичко самоубиство со тоа што ќе партиципира во плаќањето на астрономската сметка што ја направил некој друг со досега невидена аздисаност, некадарност и бесчувствителност, небаре окупатор. Тој што мисли да ги замени на кормилото на безмалку потонатиот брод „Македонија“, ни сега, а уште помалку потоа, ќе има мандат од граѓаните да им прогледа низ прсти на тие што им го загорчија и речиси им го обесмислија животот во сопствената држава, само затоа што давенициве му подале рака.

Некој што мува не го лази додека си поигрува со идентитетот и со сè што им е свето на Македонците, што кабадахиски ги раскрчмува нивниот имот и културно-историско наследство, што (на)прави карикатура од институциите на системот, што владеењето на правото го сфатил како (од Бога дадено) право на (неодговорно) владеење, не заслужува ни сожалување додека се прпелка во водата што му дошла до ушите, а камоли помош. Напротив.