Во видео обраќање на Канскиот фестивал Зеленски го цитираше „Големит диктатор“ на Чаплин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа се обрати онлајн на церемонијата на отворањето на Канскиот филмски фестивал и ги повика светските ѕвезди и филмаџии да го кренат својот глас против војната во Украина како што тоа го стори Чарли Чаплин во неговиот филм „Големиот диктатор“ – своевидна сатира на појавата на нацизмот во Германија.



„Омразата на луѓето ќе помине, диктаторите ќе умрат, а моќта што ја одзедоа од народот ќе му се врати на народот. И се додека луѓето умираат, слободата никогаш нема да загине“, рече Зеленски, цитирајќи делови од „Големиот диктатор“ на Чаплин.

Појавувајќи се преку сателит во неговата препознатлива воена зелена кошула, Зеленски ја искористи моќта на филмот во своето обраќање и доби овации од толпата собрана на француската ривиера, пишува Њујорк Тајмс.

„Повторно, тогаш како и сега, има диктатор“, рече Зеленски. „Повторно, тогаш како и сега, има војна за слобода. Повторно, тогаш како и сега, киното не смее да молчи“.