„ВМРО-Народна партија е меѓу првите политички партии која го поддржа и гласаше ‘за’ европскиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ во јули оваа година“, се вели во соопштението на ВМРО-Народна партија, чиј лидер Љубчо Георгиевски вчера присуствуваше на лидерската средба во Собранието и истакна дека неговата партија ќе ги поддржи уставните измени.
„Во овој процес поддржуваме и придонесуваме со своето дејствување за побрзо и поуспешно завршување на, во прво време скринингот, а потоа и преговорите по поглавја.
ВМРО-Народна партија активно ќе поддржи промена на Уставот во насока на пристапните преговори со ЕУ, со проширување и додавање во Уставот како на Бугарите, Хрватите и Црногорците така и на сите останати делови од народи кои ќе изразат воља и барање да бидат застапени во самиот Устав.
На овој начин суштински ќе докажеме дека Македонија е демократска држава која ги почитува правата на народите кои се застапени и живеат во државата, а со тоа се почитуваат и европските вредности за демократизација на општеството“, наведено е во партиското соопштение.







