Тетовската болница бележи рекордни 80 лица на болничко лекување поради ковид-19, што не беше случај ниту во ноември 2020, ниту во март/април 2021 година кога имаше голем број болни и починати. Изминатото деноноќие има пет починати и нови 12 хоспитализирани, јави МИА.



Министерот за здравство венко Филипче минатата недела апелираше да запрат свадбите и семејните славја во Тетово, алармирајки на можни нови кластери на Ковид-19.

Д-р Гзим Нуредини, координатор на Ковид-центарот за „Слободен печат“ пак споменува бројка од 90 новоприемни пациенти. Тој вели дека брз и катастрофален е растот на хоспитализации во тетовскиот ковид центар. Вкупно 90 хоспитализирани пациенти се во тетовската болница, а изминатата ноќ починале две жени, на возраст од 44 и 52 години.

Освен во модуларната болница, болни има на двата ката од интерното одделение, инфективното, а пациенти со ковид се хоспитализирани и во специјалната болница во Лешок.

Сите пациенти на болничко лекување се над 65 години, невакцинирани и со хронични болести. Само осум од нив, се со една доза вакцина против ковид-19..