Сончевото но студено време и годинава не беше пречка стружанецот Климе Попоски со неговото семејство и блиски луѓе денеска да ја продолжи вековната традиција што неговите предци од секогаш ја практикувале за големиот христијански празник Водици.

Попоски кој е професор на Факултетот за туризам во Охрид заедно со неговите две ќерки и внук и нивни пријатели во чест на големиот празник денеска во Струга влезе во водите на Охридското езеро.

Меѓу тие што денеска во чест на Богојавление влегоа во езерото беше и екс македонскиот фудбалски репрезентативец Игор Митревски.

Професорот Попоски кој е еден од водечките европски експерти за осигурителен бизнис смета дека и покрај здравствената криза со соодветни почитување на протоколите за короната не смее да се прекине вековната традиција која се пренесува од колено на колено.

Директните предци на професорот но и огромен број луѓе во Струга и цела Македонија стотици години уште од вториот век во нашата ера на ден Водици влегувале во водите на Охридското езеро или други водни локации каде што се фрлал крстот.

Оваа традиција во Струга, Охрид и стотици други локации продолжува и годинава.






