Советничката на екс бугарскиот премиер Кирил Петков, Весела Чернева е осомничена за издавање на бугарски национални тајни на граѓанин на Македонија кој работел за министерството за надворешни работи во Скопје.
Според бугарските медиуми во истрагата за наводно оддавање на тајни информации на власта во Скопје се и екс премиерот Петков и неговиот прв соработник Асен Ангелов.
Нејзината екс шефица, министерка за надворешни работи Теодора Генчовска додека го водеше бугарското МНР ја обвини Чернева дека спроведува паралелна надворешна политика и лобира во преговорите со Македонија.
Скандалот избива откако дел од јавноста дозна за тајни аудио снимки на кои наводно се открива што разговарале високи бугарски функционери за Македонија.
Денеска во бугарското собрание проруската партијата „Преродба“ постави повеќе прашања на оваа тема до шефот на бугарската Државна агенција за национална безбедност, Пламен Тончев.
Шефот на Агенцијата Тончев, вели дека тоа се чувствителни информации но сепак откри за што се работи и индиректно потврди за што се работи.
„Ова се однесува на информации чувствителни на целото општество и нема да можам да одговорам подетално, зашто има поведено предистражна постапка. По контраразузнавачка линија е утврден случај во кој советник на премиерот во тој момент ги пренесувал позициите на Министерството за надворешни работи на граѓанин на Македонија“, вели тој.
Шефот на ДАНС во одговор на прашањата на пратениците рече дека „министрите од последниот редовен кабинет (кабинетот на Петков) не му служеле на националниот интерес“. И, исто така – дека „немаше шанси дотичниот советник на премиерот да ги извршува своите дејства без дозвола на претпоставениот“ (односно премиерот Кирил Петков).
„Некои министри од редовниот кабинет дефинитивно не го заштитија националниот интерес“, рече првиот човек на ДАНС.
Шефот на ДАНС беше прашан дали тајната служба има податоци дека се прават обиди од странски амбасади да „инсталираат“ свои агенти во бугарските безбедносни служби, како и дали агенти на странски држави биле бугарски министри.
„Тешко е директно да се одговори на вакво прашање со да или не, но однесувањето на некои министри кои беа во редовниот кабинет дефинитивно не го заштитија националниот интерес“, рече Тончев. „Од самиот пример што го дадов со предистражната постапка против советник на премиерот за давање информации на граѓанин на Северна Македонија за преговарачкиот процес, сите знаеме дека дејствијата на ова лице не се извршени без знаењето на неговиот раководител“, нагласи шефот на ДАНС.
Нападот врз Чернева и Кирил Петков дел од набљудувачите го толкуваат како обид на структури на претседателот Радев да го наруши кредибилитетот на Движењето за промени кое заедно со ГЕРБ ја води владата.






