Во Скопје секој трет стан зјае празен, ама и натаму се гради по цени како никогаш досега

Станови има, ама нема кој да ги купи. Во Македонија, секој трет стан зјае празен, но градежната експанзија и натаму е во полн ек. Најмногу се гради во општините каде што статистичките податоци покажаа дека има и најголем број празни станови. Во јуни годинава, биле издадени 242 одобренија за градби, од кои 115 се однесуваат за високоградба.



Се предвидува да се изградат 530 станови и тоа најмногу во скопските општини, меѓу кои предничи Центар. Центар, покрај Аеродром, и во изминативе неколку години бил општина во која се изградиле најмногу станови, објави „Вечер“. На сметка на бетонот и челикот, се уништува зеленилото во Скопје, кое е далеку од европскиот просек за жител.

Само лани, според податоците на Државниот завод за статистика, „никнале“ 2.519 објекти и завршени се 3.844 станови со вкупна површина од 257.085 квадратни метри, од кои 3.714 се во индивидуална сопственост.

Дека градежната експанзија продолжува и оваа година, покажуваат последните податоци од ДЗС: во првото полугодие од оваа година, службите во 17-те општини во Скопскиот Плански Регион издале вкупно 440 одобренија за градење, односно да се изградат нови 1.664 станови, чија просечна вредност изнесува 1.081 евра за квадратен метар. Оваа цена е далеку пониска од пазарната, бидејќи во Скопје има новоградби во кои станбениот квадрат достигнува и до 2.000 евра.

Најмногу одобренија за градење се издадени во јануари (95) и во февруари (89), односно 75 во јуни за нови 217 станови. Од нив, најмногу во Општина Центар, која се враќа на голема врата како најатрактивна територија за градење, иако оваа најцентарска општина е густо изградена и речиси да нема слободен простор за нови градби.

Според статистичките податоци, во Општина Центар се планирани нови 169 станови со вкупна површина од 10.918 квадратни метри. Во Центар, најмногу ќе се градат двособни и трособни станови, а нешто помалку еднособни и четирисобни. Во Кисела Вода, пак, ќе се градат најмногу двособни, но издадени се и одобренија за трособни станови.

Во Скопскиот Плански Регион, и натаму атрактивни за градење кај инвеститорите остануваат приградските општини Чучер Сандево и Петровец – во јуни на инвеститорите им биле издадени по 10 одобренија за градење. Издадените одобренија во Петровец се претежно на правни субјекти и не се за изградба на станови.