Во Симитли спремни да го спречат пожарот што се заканува од Пехчево

Градоначалникот на бугарскиот град Симитли, Апостол Апостолов, и претседателот на општинскиот совет, Владимир Христов, ноќеска на границата со Македонија ја проверуваа состојбата со пожарот помеѓу Делчево и Пехчево и се координираа за потребните активности за негово запирање на бугарска територија, јави дописникот на МИА од Софија.



Според Апостолов, ситуацијата е многу сериозна, а силниот ветер што дува во областа на границата меѓу Бугарија и С Македонија дополнително ја отежнува ситуацијата.

Апостолов разговараше и со директорот на Претпријатието за шумарство Симитли, Благој Кишев, кој го увери дека ќе биде испратен булдожер до подрачјето на границата помеѓу С Македонија и Општина Симитли за да се направат ископи и да се запре огнот ако помине од границата со Бугарија.

Раководството на Општина Симитли ги повика граѓаните кои живеат во повисоките населби на градот во близина на границата со С Македонија да бидат што е можно повнимателни и доколку е потребно да се евакуираат во градот.

Веста за пожарот во С Македонија е централна тема за бугарските медиуми, кои потсетуваат дека нивната земја им помага на градовите Пехчево и Делчево во соседната држава.