Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), единствена македонска партија во Албанија, изразува силно разочарување, незадоволство и загриженост поради непочитувањето на македонскиот јазик во јавни активности во Општина Пустец, пренесе МИА.
„Активноста организирана, вчера од Национална агенција за заштитени подрачја во Општина Пустец, при одбележувањето на 24-годишнината од основањето на Националниот парк „Преспа”, каде што информациите и банерот беа претставени единствено на албански јазик, претставува непочитување на јазичните права на македонското население во оваа област, стои во партиската реакцијата.
Исто така се наведува дека Општина Пустец е населена со 100 отсто македонско население, кое што е признато од албанската држава и каде што македонскиот јазик е еднакво признаен и треба да се користи во службени и јавни контексти.
Според партијата, игнорирањето на македонскиот јазик во официјалните активности, особено во регион каде што македонското население претставува апсолутно мнозинство, е директно кршење на нивните законски и уставно заштитени права.
„Во согласност со Уставот на Република Албанија, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и законот бр. 96/2017 “За заштита на правата на националните малцинства во Република Албанија”, бараме од сите институции и организации кои работат на територијата на Општина Пустец да го почитуваат, промовираат и употребуваат македонскиот јазик“, се посочува во реакцијата на МАЕИ.
Во името на културната и јазичната разноликост, партијата апелира за итно и одлучно дејствување со цел да се заштитат и почитуваат правата на македонската заедница во Општина Пустец, кои се темел на демократските вредности и европската интеграција на овој регион.






