Во парламентот има се’, само не и дебата!

На скала од 1 (најниска) до 10 (највисока), дебатата во Собранието за периодот од август до декември е оценета со 5.5, што е пониска во споредба со претходните периоди на набљудување, за кои оценката за нејзиниот квалитет беше од 6 до 6.3.



Дебатата во Собранието не ја добива ни минималната потребна оценка (6.0)  за да се именува како дебата, констатираат од Институтот за демократија во Извештајот од мониторингот, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), која се спроведува во партнерство со Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП).

„Извештајот го потврдува ниското ниво на квалитетот на дебатата во Собранието во последните две години и заклучокот дека постои значителен простор за подобрување“, оценуваат од Институтот за демократија.

Анализата покажала поголема активност на пратениците од опозицијата, кои учествувале во 61 отсто од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 39 отсто.

Најчесто за збор се јавувал и најдолго на пратеничката говорница говорел Бојан Стојаноски, а на листата на 10 најактивни пратеници се Гордана Сиљановска Давкова, Дафина Стојаноска и Жаклина Лазаревска.

Значителен пад има и во аргументирањето во споредба со минатиот период, при што говорниците во 44 отсто од нивните излагања биле без аргументи, или со слабо аргументација (45%).

Во само 11 отсто од дискусијата имало еден или повеќе аргументи, што е огромен пад во споредба со 29 отсто во претходниот период на набљудување.

„Пратениците повеќе се осврнуваат кон разгледување на личноста на соговорниците отколку кон нивните аргументи. Во 16 отсто од излагањата, при што во 26 отсто од дискусијата искажале непочитување или делумно непочитување кон аргументите. Почитување или делумно почитување кон нивната личноста искажале во 32 отсто, додека непочитување или делумно непочитување искажале во 20 отсто од дискусијата“,се вели во Извештајот, пренесе 360 степени.