Во октомври 11 починати од ковид

Од ковид-19 минатиот месец во земјава починале 11 лица од ковид-19, што е значителен раст во споредба со септември кога од ковид починале пет лица, односно во споредба со август кога имало само еден починат, покажуваат официјални податоци од Институтот за јавно здравје.



Епидемиолозите велат дека треба дека бројките треба да претставуваат знак за предупредување за луѓето за почитување на превентивните мерки.

Во текот на месец октомври 2023, пријавени биле вкупно 535 заболени од ковид-19, пишува во најновиот билтен, кој редовно го објавува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

„Од заболените во октомври, најголем број на заболени се пријавени од Скопје, а највисока инциденца се регистрира во Кавадарци. Регистрирани се 214 реинфекции“, стои во извештајот.

Мета.мк разговараше со епидемиологот д-р Александар Стојанов, кој е изненаден од високиот број на смртни случаи, бидејќи доминантниот сој дава лесни симптоми.

Тој вели дека нема да штети ако луѓето внимаваат на себе, посебно овој период кога заладува, пренесува Мета.мк.

„Висока бројка е 11 смртни случаи за само еден месец, со оглед на фактот дека овој сој не дава тешки симптоми и поминува лесно. Починатите лица најверојатно биле и со коморбидитети, а улога сигурно играла и возраста“ вели Стојанов и додава дека „не е на одмет ако сме малку на штрек. Ние во минатото за грип сме забранувале посети и сме препорачувале да се носи маска во автобус, во затворен простор. Овие месеци се такви и треба да се внимава“.