Во НАТО со ново име, уставна реформа за една година, сугерира експерт од САД

Дејвид Филипс, директор на Програмата за градење мир и права на Универзитет „Колумбија“ од Њујорк, смета дека „вин-вин“ сценарио во спорот за името би било Грција да ѝ дозволи прием во НАТО на Македонија под ново име, а таа потоа да изврши промени во својот устав во рок од една година.



Откако во коментар за грчкиот весник „Катимерини“ надолго и нашироко ги елаборира придобивките за двете страни од решение за разликите за името на македонската држава, некогашниот висок советник во Секретаријат на Обединети нации и експерт за надворешна политика и висок советник во американскиот Стејт департмент, доаѓа до поентата.

„Преговорите водат битка со времето. Самитот на НАТО е закажан за 11 и 12 јули. Ако Заев не може да напредува со членство во НАТО, преговорите би можеле да пропаднат.

Иако Грција има право на вето врз одлуките на НАТО, кои се донесуваат со консензус, треба да ѝ дозволи на БЈРМ да влезе во НАТО под новото име, дури и ако нејзиниот устав сè уште не е променет. Поканата може да вклучи повратна одредба, условувајќи го членството со уставна реформа во период од една година.

Граѓаните на ПЈРМ ќе добијат опипливи придобивки од евроатланската интеграција. Истовремено со одлуката на НАТО, Европски совет може да го одобри почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Заев би имал народна поддршка за уставна реформа, ако оствари напредок со практичен бенефит за животот на луѓето.

Ова сценарио е вин-вин за Грција и за БЈРМ. Американските и европските интереси, исто така, би биле исполнети кога Атина и Скопје ќе ги решат нивните разлики, афирмирајќи ја со тоа заедничката европска иднина“, пишува Филипс во својот коментар на страниците на „Катимерини“.

Дејвид Филипс пред три години на Тетовски универзитет ја промовира својата книга „Ослободување на Косово – принудна дипломатија и интервенција на САД“.