Професорот доктор Сашко Јовев, довчерашен прв човек на Кардиохирургија денеска прочита писмо напишано заедно со колективот во кое, меѓу другото, се вели дека Клиниката имала низа успеси, а разрешувањето, покажува дека „успеси не се простуваат во Македонија“.
„Во нашава земја само успехот не се простува. На крајот јас испаднав жртва, но и Кардиохирургија. Каква порака ќе оставиме кон младите генерации? Кардиохирургија, заедно со овој тим, во последните осум години создаде ултра модерна клиника која ги работи сите можни процедури во кардиохирургијата кои се работат во најреномираните светски клиники. Создадевме најмодерна единица за интензивна нега. Излечивме многу најтешки пациенти. Од проект израснавме во регионален центар. Сега за награда, дали од каприц, дали од скриена сугестија, добиваме смена на менаџметот на Клиниката.
Покажуваме одличен пример на младите генерации, дека ако се учи и создава, оперира 24/7, ако се сака земјата, ако се биде пожртвуван за пациентите, ако се опреми клиниката како најмодерните, не чини и треба да ја напуштиме клиниката и земјата или да не се прави сето тоа?“, праша Јовев читајќи го писмото напишано со колегите.
Тој посочи дека за него во животот постојат два начини на однесување – да се работи создава и учи или – да се гази по тоа.
Докторот Јовев го повика Министерството за здравство, министерот и Владата да ја преиспитаат одлуката за разрешување.
„Цврсто стоиме на ставот дека тимот кој победува не се менува, додаде Јовев.
Тој додаде дека ако имало пропусти во настанот при спроведување на протокол – не смее да има разрешување.
„Сметаме дека најискусните луѓе треба да ги водат клиниките“, додаде Јовев.
Посочи дека сите работат 24/7 во Клиниката, а ако сите го евидентираат работното време – тој нема да може да ги плати…
Др Јовев, како што е познато е првиот кој изведе трансплантација на срце во Македонија…
Министерот за здравство Меџити изјави дека за смената на Др Јовев не стоеле политички притисоци.
Во јавноста веќе се проширија информации дека Др Јовев ќе биде сменет со кадар од тетовската болница.







