Според последните проценки во анализата “Истражување на мало оружје“ во земјава има над 620 илјади парчиња огнено оружје.
Од таа бројка, 450 илјади се смета дека е нелегално, пренесува Радио слободна Европа.
Тоа значи дека на сто луѓе, 30 имаат оружје, од кои осумина имаат дозвола за поседување оружје, а 22 немаат.
Истражувањето се однесува на земјите од Европската унија, Западен Балкан и Молдавија. Во тоа друштво од 34 земји, Македонија е на седмо место по поседување на нелегално оружје.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна изјави дека македонските граѓани имаат дозвола за поседување на вкупно 180 илјади парчиња регистрирано оружје.
„Не можеме да зборуваме со апсолутни податоци за лицата кои поседуваат, бидејќи за една дозвола може да се дадат 10 одобренија за нарачка на оружје и на годишно ниво работиме не само со нови дозволи, туку и со дозволи кои истекуваат.
Важно е дека секоја година паѓаат бројките кои се однесуваат на нарачаното оружје“, изјави Спасовски во интервју за ТВ Алсат.







