Месната заедница Леуново денеска беше принудена да го прогласи Светомир Ѓеорѓиевски-Путин за непожелна личност во нивното село сѐ додека не се реши проблемот со водата во селото и додека тој не добие легално решение за градба. Има мораториум за градба на објекти во селото, а тој насилно и тоа на земјиште кое не е негово донесе булдожер и почна да извршува градежни активности во сливно подрачје, во исушено корито од реката, велат од месната заедница.
Веќе подолг период жителите на Леуново и сопствениците на викендици имаат проблем со снабдувањето со вода. Изворот од каде што се снабдува селото со вода е речиси пресушен, па затоа комуналното претпријатие на Маврово донесе решение за мораториум за градби на овој дел од националниот парк сѐ додека не се реши проблемот со водоснабдувањето. Но, тоа за некои моќници нема никакво значење, велат мештаните, кои вчера имале и блиска средба со обезбедувањето на инвеститорот.
„Еден од обезбедувачите на возачот на багерот му даваше наредба да ме гази. Јас стоев пред багерот и барав дозвола за градба. Но таков документ никој не покажуваше. Багеристот во еден момент тргна кон мене со багерот. Јас паднав, тука настана турканица и дури откако багеристот дозна дека таков документ нема, тој си замина“, раскажуваше на денешната средба со селаните Владо Лазаревски, претседателот на месната заедница.

Линк до целиот текст.





