Во кризната 2020 година, град Скопје потрошил 31 милион евра на тендери

80-те општини и Градот Скопје лани склучиле 3.454 договори за јавни набавки во вкупна вредност од околу 8 милијарди денари, односно 129 милиони евра, скоро исто колку и претходната 2019 година објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) повикувајќи се на Базата на податоци за јавни набавки.



Пораст на вредноста на набавките има кај Градот Скопје и 20 општини, додека намалување е евидентирано кај 61 општина.

„Најголем вредносен скок во однос на претходната година има кај Градот Скопје, од 10,3 милиони евра, Општина Гостивар од 5 милиони евра и Аеродром од 2,7 милиони евра. Најголеми падови во вредноста на набавките има кај Општина Липково за 2,8 милиони евра, Тетово за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра“, соопштуваат од ЦГК.

Лидерската позиција и натаму ја држи Град Скопје со вкупна вредност на тендерите од 31 милион евра – што е една четвртина од вредноста на набавките на сите општини заедно.

Од ЦКГ потенцираат дека половина од вкупно потрошените пари на општините за јавни набавки ги потрошиле Градот Скопје и седум други општини, а само Град Скопје и 10-те скопски општини заедно трошат дури 45 % од сите пари за јавни набавки на општините.

„По жител, и годинава апсолутен лидер е Новаци која за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари која троши само 7 евра по жител. Просечно, по жител, се трошат по 56 евра“,пренесува порталот Пари.Мк