Во Истевник, Делчевско, се гласаше во – фарма за магариња!

Во делчевското село Истевник се гласаше во фарма за магариња! „Фингер – принт“ уредите за гласање не можеа да им ги „прочитаат“ отпечатоците на прстите на истевчаните, кои гласаа, бидејќи собирале ореви со денови и уредите биле „онеспособени“ поради бојадисаните прсти! – објави порталот на македонско – австралискиот електронски магазин „Шило“.

„Репортажното јавување на новинар на Канал 5 од ова место беше лоцирано на неколку чекори пред некогашното основно училиште во селото Истевник, Делчевско, во кое се одвива гласањето. Избирачкото место број 0593 во Истевник се наоѓа во објектот, кој одамна не е училиште. Еден од жителите го купил објектот и го претворил во фарма за магариња.“



„Тука биле донесени уредите за биометриска идентификација на гласачите, но избирачкиот одбор заклучил дека практично не ги читаат отпечатоците на прстите на соселаните, ниту десниот, ниту левиот прст, бидејќи деновиве тие интензивно собираат ореви и прстите им се бојосани од овој плод.“

„Велат дека никој досега не правел проблем затоа што се гласа во магарешка фарма, проблем немало ниту од ОБСЕ.“ – напиша „Шило“.