За 41-годишен дилер на дрога од Македонија бегството од германската полиција заврши по десет години во четвртокот, кога е уапсен во Аугсбург, во областа Оберхаузен.
Од Државната канцеларија за криминалистичка полиција (ЛКА) објавија дека против бегалецот имало европска потерница како обвинет за продажба на околу четири килограми хероин и неколку стотици грама кокаин во неколку случаи во областа Аугсбург во 2010 година.
Според полицијата, човекот веќе бил депортиран во Македонија во 2005 година откако издржал затворска казна од неколку години, а неговата криминална кариера покрај двете земји ја опфаќа и Албанија.
Во 2019 година истражителите од ЛКА откриле дека осомничениот можеби е надвор од Македонија, поточно во пограничната област со Албанија и оти тој веројатно неколку пати заминал и влегувал во земјата непрекинато со лажни лични исправи.
„По интензивни прикриени мерки, имавме основано сомневање дека 41-годишникот нелегално престојувал во Германија барем од почетокот на годинава со лажен идентитет“, соопшти ЛКА.
Трагата водела до стан во областа Аугсбург во Оберхаузен, во чија непосредна близина полициските службеници го уапсиле обвинетиот, кој покажал туѓа лична карта. Но, тој бил јасно идентификуван и конечно признал дека е лицето барано со потерницата.
„Покрај првичните обвинувања, тој сега чека истраги за злоупотреба на лични карти, за нелегален престој и за прекршоци поврзани со дрога“, изјави портпаролот на ЛКА.




