Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на брифинг информира дека владата од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во текот на вчерашниот ден позајмила фантастични 100 милиони евра.
Парите се наменети за ликвидност на АД ЕСМ, односно за да може владата во текот на годината да купува електрична енергија доколку има недостаток и да купува јаглен и мазут за домашните капацитети за производство на електрична енергија.
„Ќе се купува електрична енергија, но и јаглен и мазут. Планирано е да работат сите три блока во РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино, а во моментов треба да ги сочуваме хидроенергетските капацитети за да имаме електрична енергија за зимскиот период“, објавил министерот.
„Не очекува многу тешка и непредвидлива зима на енергетски план, која не зависи само од Македонија или од земјите од регионот, туку зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со војната во Украина. Рестрикции на електрична енергија не се очекуваат, дури и доколку имаме забрана за увоз на електрична енергија и гас во земјава. Во август повторно ќе побараме прогласување на кризна состојба во електроенергетскиот сектор се со цел да имаме можност преку дополнителни мерки да интервенираме во зголемување на производството на електрична енергија од домашни капацитети“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешниот брифинг со медиумите на кој информираше за следните чекори и мерки кои ќе бидат превземени се со цел ублажување на ценовните шокови за граѓаните.
„Ќе ја имаме најтешката зима, ситуацијата е многу тешка и непредвидлива не зависи само од Северна Македонија и во земјите од регионот туку во зависност од тоа како ќе се одвива војната во Украина. Ние работиме на обезбедување на алтернативни начини за снабдување со енергенси, доколку имаме целосна забрана за увоз на гас за да може да работат и топланите и индустриските капацитети. Во делот на алтернативни извори согласно Законот е предвидено и да може да се префрлат на друг енерегенс односно на мазут“ кажа Бектеши.
Во однос на снабдувањето со гас за престојната грејна сезона, министерот кажа дека се прават напори да имаме алтернативни извори за снабдување, со оглед на тоа што Македонија е целосно зависна од руски гас.
„Доколку успееме во соработка со Булгаргастранс да ослободиме дел од капацитетите од гасоводот кој што го имаме со Бугарија којшто е целосно закупен од Гаспром, тогаш ќе може во услови доколку Русија ни ги стопре испораките на гас, да се снабдуваме со гас од Азербејџан или Турција„ кажа Бектеши.






