Премиерот Димитар Ковачевски денеска во рамките на посетата на Рим и Ватикан, по повод одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, ќе има тет-а-тет средба, а потоа и аудиенција кај неговата светост папата Франциско.



На аудиенцијата кај папата Франциско, заедно со Ковачевски ќе присуствуваат и ќерката Тамара Ковачевска, како и членовите на делегацијата министрите за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Во делегацијата се и Мартин Попов, шеф на Кабинет на претседателот на Владата, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол на премиерот, Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Пимен Илиевски, митрополит на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски, митрополит на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов, декан на струмичка епархија на Католичката црква, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Ковачевски заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе имаат средба и со државниот секретар на Светата Столица Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите Пол Ричард Галагер.

Програмата во чест на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, денеска делегацијата на Република Северна Македонија ќе ја заокружи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре и со пригодна културно-уметничка програма во која ќе учествуваат и наши истакнати уметници што живеат и работат во Италија.

Како дел од работната посета, премиерот Ковачевски ќе се сретне и со премиерот на Бугарија Кирил Петков.