Во чест на Адеми, Динамо Загреб го повлече дресот со број 5 до крајот на кариерата на македонскиот репрезентативец

По 13 години поминати во Динамо Загреб, македонскиот фудбалски репрезентативец Аријан Адеми од овој месец е нов член на кинескиот суперлигаш Пекинг Гуан, а хрватскиот шампион реши во негова чест да го повлече дресот со број 5 до крајот на кариерата на 31-годишниот дефанзивен играч за врска.



„Свесни сме дека во фудбалот е прилично неблагодарно да се пензионира некој број. Гледајќи ја историјата на Динамо и кои легенди играле за нашиот клуб и оставиле голема трага, ГНК Динамо реши да не повлече ниту еден број од почит кон сите великани кои играле за нашиот клуб.

Но, во исто време клубот донесе одлука бројот пет да биде повлечен од употреба во сината соблекувална додека Аријан Адеми не реши да престане активно да се занимава со фудбал, односно додека не ја заврши играчката кариера. До тој момент за него ќе биде исклучиво резервирана петката на Динамо.

Ова е мал знак на благодарност што можеме да му го покажеме на Аријан за сè што направи во последните 13 години. На овој начин ГНК Динамо уште еднаш реши да го истакне значењето на нашиот капитен за клубот како и значењето на Аријан Адеми за сите идни генерации кои гордо ќе го носат грбот на Динамо на своите гради“, соопштија од клубот.

Адеми, кој има 28 настапи и 4 гола за македонската репрезентација, одигра 219 официјални натпревари за Динамо, во кои постигна 20 погодоци.

За загрепчани игра капитенот на македонскиот национален тим Стефан Ристовски.