Уставниот суд го укина мораториумот за градба во Општина Центар донесен во декември 2017 година кога практично беше запрена реализацијата на деталните урбанистички планови на териоторија на општината.
Станува збор за 31 план, а за одлуката за мораториум градежните компании имаа низа забелешки, пренесе Фактор.
„Уставниот суд ја укина Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови донесена од Советот на Општина Центар на 27 март 2019 година и го стави вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од оваа одлука“, се вели во соопштението на Уставен суд.
Мартин Пановски, поранешниот претседател на Асоцијацијата на архитекти предупредуваше дека мораториумот во Центар предизвикал кампања дека градењето е криминал со што е направена и непоправлива штета за државата.
„Сега на потег е Централната власт да се справи со оваа тешка задача и да ја смени таа слика, бидејќи се надевам им е јасно дека не може економски да опстанеме со ваква политика“, изјави тогаш Пановски, потсетува Фактор.






