Иван Илчев, член на бугарскиот дел од Мешовитата комисија со Македонија за историски и образовни прашања, го негира фактот дека во текот на Втората светска војна во Бугарија имало фашистички режим.



„Во Бугарија фашистички режим, во смисла во која историчарите го употребуваат, немало. Имало десен авторитарен режим, кој не се разликува суштествено од режимите што постоеле во Полска, Унгарија, Романија, дури и во Југославија во тоа време“, изјави историчарот за Бугарското национално радио (БНР).

Според него, тоа што сега се прави во односите со Македонија е од тактички причини, а тие во Комисијата имале стратешки цели.

„Сè што се прави во моментов има тактички задачи – да се постигне некаков брз успех, кој да може да се рекламира пред широката јавност, да се публикува во медиумите и да се создаде впечаток за активност. Тоа што ние во историската комисија го правиме е насочено кон стратешки цели – што треба да се промени во наредните 10-15 години за да има ефект“, објасни Илчев, кој не е оптимист за евентуален напредок во разговорите меѓу историчарите од двата дела на комисијата, која својата следна седница треба да ја одржи во последните пет дена од февруари.

Посетата на ОМО „Илинден“ на Скопје, според него, можела да се предвиди.

„Имав кажано дека сум убеден оти сега Македонците ќе инспирираат таква посета. Тоа е само начин да покажат дека имаат адути да нè уценуваат“, смета Илчев.