Честитката на Денот на Свети Сава на Србите во Македонија од премиерот Зоран Заев и од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски наиде на жолчни критики во Бугарија.



„Не познавам ниту еден друг премиер што би им честитал на окупаторите и на колонизаторите на сопствената држава. Дури и површен преглед на историските извори и на времето непосредно пред и по 1903 година на географското подрачје на Вардарска Македонија, современа Република Северна Македонија, јасно ги покажува улогата и односот на Србите кон локалното, главно бугарско население што живеело таму“, напиша на Фејсбук европратеникот Ангел Џамбаски.

„Денес најголемите непријатели на Бугарите во Македонија, на добрите односи меѓу двата клона на единствениот братски бугарски народ одново се остатоците од српските колонизатори. Тие се вклучени во политиката, универзитетите и медиумите. Тие диригираат со антибугарската кампања. Заев денес им честита. Со Свети Сава. Празникот на шајкачата“, додава потпретседателот на ВМРО-БНД на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.

Тој му забележа за честитката и на Христијан Мицкоски, лидер на „клетата просрпска“ ВМРО-ДПМНЕ, како што ја нарече најголемата опозициска партија во Македонија.

„Жално, многу жално. Многу срамно и многу индикативно. Власта и опозицијата во Скопје прават, чинат, угодуваат, ласкаат, се вртат натаму-наваму, се обидуваат да им се допаднат на сите, но задникот секогаш им е завртен кон север. Кон Белград и кон Кремљ“, со непримерен речник заклучува Џамбаски.

Ништо помалку остар во осудата не е ниту новинарот и експерт за меѓународно право Велизар Енчев.

„Тројанскиот коњ на Србија се разоткри! Со изучување на српскиот јазик во македонските училишта, Заев си ја покажа вистинската природа на тројански коњ на Србија. Ова не само што го зајакнува бугарското вето за членство на Македонија во ЕУ, туку се разоткрива и пред ЕУ и САД како српска марионета на Балканот. Се надеваме дека оваа вест ќе стигне побрзо до Брисел и Вашингтон, кои вршат притисок врз Софија за брз пристап на Скопје во ЕУ. Со што ли е зависен Заев од Србија за да прибегнува кон ваква компромитирачка акција?“, прашува Енчев.