Во Брисел спречен перфиден обид за именување на македонците како ,,северномакедонско малцинство”

Партијата на македонците во Бугарија ОМО „ИЛИНДЕН“ – ПИРИН открива дека преку својата група пратеници од Европската слободна алијанса (ЕФА) ги спречила обидите на Европската Унија Македонците во Бугарија да бидат преименувани во „СЕВЕРОМАКЕДОНСКО“ малцинство.



Во одговор на писмо упатено на 21 јули 2021 година од European Free Alliance – Европската слободна алијанса (ЕФА) до Европската комисија, за положбата и правата на македонското малцинство во Бугарија, на 3 ноември 2021 година бил добиен одговор, во кој македонското малцинство во Бугарија било преименувано во „северомакедонско“ малцинство и прашањето неосновано било поставено во врска со договорот за добрососедство на Бугарија со Македонија, иако во случајов станува збор за негирани права на европски граѓани.

ОМО „Илинден“ – ПИРИН и ЕФА реагирале на овој обид да се преименува македонското малцинство во Бугарија, уште повеќе што и други институции во Брисел покажаа слични тенденции, иако последните не толку отворено.

,,На упатеното писмо со реакција од наша страна – не беше добиен одговор. Затоа ЕФА се обрати до Европскиот омбудсман и побара извинување од Европската комисија во името на ОМО „Илинден“ – ПИРИН.

Последната реакција имаше ефект и на 16 јуни 2023 г. раководителот на Генералниот директорат за владеење на правото, фундаментални права и демократија во Европската комисија, Ингрид Беландер Тодино, упати официјално извинување, при што на двапати правилно – почитувајќи го правото на слобода на национална и етнокултурна самоопределба на етничките Македонци во Бугарија – ја именува нашата заедница како: „Macedonian minority in Bulgaria“.
Ова е веројатно прв пат институција на Европската унија да го прифати и признае очигледниот факт на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, наспроти обидите на Бугарија да го негира нашето постоење”.

ОМО „Илинден“ – ПИРИН ја продолжува и понатаму својата борба за признавање и непречено ползување на човековите и малцински права на Македонците во Бугарија, велат од партијата на македонците која и покрај неколку пресуди на Судот за човекови права во Стразбур се уште не е регистрирана од бугарските власти.