Во Битола отворен клуб на Бугарите, во Благоевград затворен клуб на Македонците

Откако во Битола висока бугарска делегација, на чело со премиерот Кирил Петков и со потпретседателката Илијана Јотова отвори клуб на Бугарите „Ванчо Михајлов“, во Благоевград е затворен клубот на Македонците, јави македонскиот активист Атанас Кирјаков-Војводата.



„25.04.2022 Благоевград (Горна Џумаја), Пиринска Македонија

Македонците од Благоевград на ден Велигден останаа без свој македонски клуб.

Македонците од Благоевград до пред неколку дена се собираа на состаноци во свој македонски клуб во Благоевград. Македонскиот клуб во Благоевград беше вo една станбена зграда, каде под кириja Македонците држеа една мала соба. Но, газдата на собата (под притисок на бугарската полициja!?) им рече на Македонците да ja напуштат собата и така Македонците од Благоевград останаа на улица, без своja просториja каде да се собираат и да имат свои состаноци. Од пред неколку дена Македонците од Благоевград веќе се на улица, а сега-засега се собираат на состаноци поради лошото време во разни кафулиња низ центарот на градот. Дали Македонците од Благоевград ќе имат во скоро време свој македонски клуб во кој ќе се собираат и во кој македонски клуб ќе одржуваат свои состаноци само еден Господ знае…“, напиша на Фејсбук еден од основачите на Обединетата македонска организација „Илинден“.