Иако Здравствениот дом во Битола има недостиг од медицински кадар, шест медицински сестри , меѓу кои и трудница во патолошка бременост се отпуштени од работа, дознава Плусинфо.
Шесте медицински сестри без работа останале, не по своја вина, ниту по барање на раководниот кадар во битолскиот Здравствен дом кој кубури со медицински персонал, туку поради пресуда на Апелацискиот суд во Битола донесена на 16 јули годинава, а спроведена среде лето откако заврши вонредната состојба.
Според судската пресуда, директорката на Здравствениот дом на 20 јули годинава ја поништила одлуката за избор на кандидати за работа на неопределено работно време на медицински сестри од огласот за вработување објавен на 30.10.2018 година за шест сестри од вкупно девет вработени.
Пресудата на Основниот суд во Битола е од 12 март годинава, а пресудата на Апелациониот суд во Битола заведена под број РОЖ 193/20 е од 11 и 16 јуни. По речиси еден месец медицинските сестри ја изгубиле работата.
„ Макотрпно и чесно работевме за време на пандемија каде секаде во светот е потребен медицински кадар. Ние бевме отпуштени за време на таа пандемија која зазема уште поголем замав…“ велат отпуштените медицински сестри и го повикуваат министерот Венко Филипче да преземе мерки за решавање на случајот, особено затоа што медицинскиот кадар е дефицитарен во земјава.






